Марко Пејчиновски со нов подвиг – со пливање, велосипед и трчање ќе измине 106,8 км: Со Божја помош е можна, иако живеам со ретка болест која ме спречува


Охриѓанецот Марко Пејчиновски, познат како детето кое го преплива Охридското Езеро, сега има нов предизвик. Тој живее со ретка болест на левата нога, која го спречува да трча, но, тоа не е пречка за него да оствари нова цел. Најавува дека ќе мине речиси 107 километри, комбинирано – трчајќи, со велосипед и пливајќи.
„Оваа година се подготвувам за нов, досега најголем предизвик: модифициран IRONMAN триатлон. Од Св. Наум ќе трчам 42,2 км до Струга, потоа ќе возам велосипед 42,2 км назад до Св. Наум, и за крај – ќе пливам 22,4 км до Охрид. Вкупно: 106,8 км. Овој предизвик е особено тежок за мене бидејќи од 10-годишна возраст живеам со ретка болест на левата нога – Perthes, која ме спречува да скокам и трчам. Но верувам дека со Божја помош и силна волја, сè е возможно“, вели Пејчиновски за „Скопје1“
Со овој пдовиг, Пејчиновски има цел – да ги инспирира другите.
„Сакам преку овој подвиг да ги инспирирам и другите – да покажам дека и кога ќе се изгубиш по патот, постои излез. Дека преку дисциплина, контрола на умот и со вера во Господ, може да се победи сѐ“, додава Пејчиновски.
Епохалното достигнување на Марко Пејчиновски, 16-годишното момче од Охрид кое со некроза на коска на долните екстремитети десет пати го преплива Охридското Езеро, e овековечено во монографијата „Одисеја 2022 Odyssey“.
