Македонија

Палевски во Турција дознал дека е осомничен пред да го апсат, но не се вратил со возачот, туку отишол на бензиска па во пицерија и размислувал што да прави

Љупчо Палевски-Палчо обвинет за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, го убедуваше судот дека не бегал од Македонија по двата грозоморни настани. Истовремено, тој кажа дека на 03 декември 2023 година дознал дека е осомничен, но утредента сепак не заминал за Македонија со возачот Стефан Димковски, туку останал во Турција. Потоа, појасни дека на 04 декември, отишол на бензиска да размисли што да прави, па во пицерија за да руча.

Адвокатот Јовица Страшевски: Дали сте учествувале во настаните за кои Обвинителството ве обвинува?

Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Не, не сум учествувал во тие настани. И наводите кои сум ги кажал пред ОЈО, останувам на нив, со забелешка, ќе ги надополнам. Ќе биде проширен со детали, бидејќи во доказната постапка, многу работи видов и се потсетив, што сѐ се случувало во критичното време.

Адвокатот Јовица Страшевски: Имаше разни шпекулации по прес-конференции, медиуми и портали, дека сте бегале во Турција и сте уапсени на автопат, можете да ни опишете?

Обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо: Моето пристигнување во Баликесир е на 02-ри декември во попладневните часови. Земав куќа под закуп на мое име, со моја патна исправа, платив за еден месец однапред. Господинот кој ми ја најде куќата го замолив дали може на негово име да земам интернет картица затоа што планирав да правам поткаст. По дознавањето дека сум осомничен, тоа е 03 декември, претрес на мојот дом, јас утрето, откако претходно на 03 декември на Стефан Димковски му дадов пари за пат и му кажав да замине за Македонија веднаш. А и тој самиот планираше да замине ноќта на пат. На 04 декември откако Стефан замина за Македонија, ја вратив картичката за интернет, ги вратив и клучевите од куќата иако беше платена за месец дена однапред, не ја искористив автобуската карта за Истанбул, преспав во куќата и утрето заминав. Отидов на бензинска пумпа во Баликсер, за да размислам како и што треба да направам. Отидов во пицерија во близина на бензинската пумпа во градот Баликсир, за да ручам. И очекував во секој момент да се појави полиција, бидејќи во сите портали во Турција беше мојата слика. Не се појави полиција за чудо, иако Баликсеир е голем град, а по неколку часа повторно се вратив во истата пицерија и се појави Интерпол-Турција. Ме однесоа во полициска станица, бев изнесен од инспектор пред бел ѕид, сликан и на What’s up пратен во Македонија. На пресот и објавите од пресот на Оливер Спасовски е таа фотографија. Ми беше јасно кој го организира ова. На 5-ти бев однесен пред судот во Баликесир, ми беше прочитано за што сум осомничен, имаше кратко објаснување и бев прашан дали постои можност за мачење и убиство во Македонија. Ова беше пред судот да донесе одлука. Од срам кон сопствената држава, кажав дека не постои таква можност – да бидам мачен и убиен. Тоа е процедура. Не се жалев на судското решение во однос на екстрадицијата. Пројдоа пет и пол месеци додека бев екстрадиран.  Во таа турска документација која ќе ја доставам до судот. Испратив писма до турскиот министер за правда во кој молам да се случи побрзо екстрадицијата.

Во тек е пауза, па продолжува исказот.

На почеток