(Видео) Како од хорор филм: Салата од 2,5 милиони евра на УКИМ е распадната, руинирана и испокрадена, а не е користена ниту еден ден


Руина – вака со еден збор може да се опише салата „св. Кирил и Методиј“ која се наоѓа во кампусот УКИМ. За нејзина изградба се платија 2,5 милиони евра во 2017 година, но никогаш не беше ставена во употреба. Сега, таа е со искршени стакла, украдени клими, уништен обрач за кошарка, искршени столици, демолирани ѕидови. Тие кои „оперирале“ во салата, успеале да украдат дури и дел од прекинувачите и штекерите.
Иако се ветуваше уште во 2022 година, од ексдиректорот на Агенцијата за млади и спорт, дека спортската сала ќе биде ставена во употреба – тоа не се случи. Денеска, сликата е иста. Последно, пред седум месеци, Министерството за спорт кажа дека се обезбедени средства за санирање на состојбата на салата – но и во моментов, реконструкција не е започната. Таа треба да се одвива во неколку фази, за да салата биде подготвена за студентите.
Салата требаше да проработи пред осум години, но имаше спор помеѓу Агенцијата за млади и спорт со фирмата „Алконпроект“, па никогаш не беше направен технички прием.
