МВР смета дека Коцевски не ја компромитирал истрагата за пожарот во „Пулс“, за приведените полицајци нема да се бараат притвори


Акцијата за приведување на нови седум полициски службеници кои се осомничени во предметот за дискотеката „Пулс“ која одзеде 61 живот, не била компромитирана. Ова е ставот на МВР, а откако вчера, јавниот обвинител Љупчо Коцевски во гостување на Телма објави дека во моментот е издадена наредбата за постапување. Од полицијата велат постапиле по насоките на Обвинителството.
„МВР во целост ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите за наводно нарушување на вчерашната акција од страна на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. МВР при вчерашната акција постапуваше по насоки на јавното обвинителство“, одговараат од МВР на прашањето дали акцијата е компромитирана.
„Скопје1“ за ова прашање побара став и од Републичкото обвинителство. Таму прашавме зошто Коцевски уште пред да почне акцијата за приведување на седум полицајци, тоа го сподели во ТВ гостување, дали обвинителот знае дека истражната постапка е тајна и дека Обвинителството не споделува детали пред акцијата да биде завршена, како и дали тој смета дека ја компромитирал истрагата. До моментот на објавување на овој текст, не добивме одговор.
Според информации на „Скопје1“, за лицата кои се приведени, нема да се бараат најстроги мерки како што се ефективен или куќен притвор. Од Кривичниот суд, неофицијално, ќе биде побарано да им се одземат патните исправи. Меѓу приведените кои имаат статус на осомничени е командирот на кочанската полиција, но и пензионирани полициски службеници. Сите се сомничат дека со нивното постапување или непостапување, придонеле до тоа „Пулс“ да добие лиценца за работа. Оваа истрага се води во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи станува збор за лица кои имаат полициски овластувања.
Во другата истрага, која ја води кочанското Обвинителство со помош на обвинители од скопското Обвинителство – осомничени се 45 физички лица и три правни лица.
