Меџити и Таравари ја растурија „калимерата“, а и коалицијата


Коалицијата Вреди смета дека одлуката за настап со одделни советнички листи за советници на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари е донесена во интерес на ДУИ чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере, рече претседателот на Демократското движење и вицепремиер во Владата Изет Меџити, по состанокот на лидерите и високи функционери на оваа коалиција. Вреди не го исклучила од коалицијата Таравари, туку тој, според Меџити, се самоисклучил. Вели дека оваа постапка на Таравари значи и проблем во Владата, но засега нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција во здравство.
„Јасно е дека преговорите имале за цел разединување на коалицијата ‘Вреди’ и враќање од клиничка смрт на ДУИ. Колкава била цената на оваа операција и дали вредело сето тоа, ќе се дознае многу брзо“ рече Меџити.
На ова врати Арбен Таравари.
„За жал, знаев дека и овој момент ќе биде вклучен во долгата серија што започна. Предлагам сите да се фокусираат на заедничката мисија на благосостојбата на општеството. Тоа не значи дека тргнуваме по различни патишта и одеднаш стануваме непожелни. Заморната политика на обвинувања и озборувања е стара и повеќе не држи вода. Среќен сум и благодарен за секоја личност или партија со која сме соработувале. Сакам да ги зачувам овие добри чувства и нема да станам плен на провокациите на оние кои сакаат политички спектакл“, вели Таравари.
