Американците се закануваат со повлекување; Рубио: Ако мирот во Украина не е можен, се откажуваме


Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, Соединетите Американски Држави треба да се откажат од напорите и да продолжат понатаму. „Ако не е можно да се стави крај на војната во Украина, мора да продолжиме понатаму“, им рече тој на новинарите пред да замине од Париз.
„Ова не е наша војна. Ние не ја започнавме. САД и помагаат на Украина три години и сакаме војната да заврши, но ова не е наша војна“, рече Рубио.
„Претседателот Доналд Трамп 87 дена прави континуирани напори на највисокото ниво на владата за да ја доведеме оваа војна до крај. Сега доаѓаме до точка кога треба да одлучиме и да утврдиме дали тоа е воопшто можно. Затоа разговараме со двете страни“, додаде тој.
„Треба многу брзо, во рок од неколку дена, да утврдиме дали мировниот договор е остварлив на краток рок, бидејќи ако не е, мислам дека само ќе продолжиме понатаму. Нема да ги продолжиме овие напори со недели и месеци без крај“, рече Рубио.
Највисокиот американски дипломат истакна дека Доналд Трамп сè уште сака да работи на постигнување мир, но дека САД имаат и бројни други приоритети ширум светот.
„Мораме да одлучиме многу брзо, а јас зборувам за прашањето на денот, дали е можно да се постигне договор во следните неколку недели. Ако е така, ние сме за. Ако не е, ќе мора да се фокусираме на други приоритети“, рече Рубио.
Доналд Трамп вчера изјави дека верува оти прекинот на огнот е „блиску“ и дека Москва наскоро треба да одговори на неодамнешниот американски предлог.
Вчера во Париз се одржаа разговори меѓу високите американски претставници Марко Рубио и Стив Виткоф, Украина и три водечки европски сили – Франција, Германија и Велика Британија. Француските власти изјавија дека разговорите биле „одлични“ и покажале дека Европејците се вратиле на преговарачка маса.
Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, на средба во Елисејската палата. „Она што е ново е дека САД, Украина и Европејците се собраа на иста маса“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на новинарите по разговорите.
Висок советник на претседателот Макрон, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека разговорите биле „одлични, позитивни и конструктивни“ и покажале „вистинска конвергенција“ кон целта на Трамп да стави крај на војната.
„Сите сакаат мир. Цврст и одржлив мир. Прашање е да се подели на фази“, нагласи Макрон на средбата со делегацијата на Рубио во Елисејската палата. Малку се знае за суштината на разговорите во Париз. Но, висок француски функционер најави дека преговарачите ќе се сретнат повторно во истиот формат во Лондон следната недела.
