Одрони од кровот го затворија базенот во „Борис Трајковски“: се проверува статиката, а проблемот е поради нецелосно реконструирање пред 15 години


Одрони од кровот и делови од панел плочите од стиропор, ставија клуч на базенот во склоп на спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој на дневна база го посетуваат од 700 до 1000 лица. Со оглед на сериозноста на проблемот, но и начинот на кој бил одржуван изминатите години, било побарано да се измери статиката, која треба да покаже дали кровниот дел е стабилен. Директорот на спортскиот центар, Данијел Апостолоски за „Скопје1“ вели дека проблемот е резултат на нецелосното реконструирање на кровот во 2010 година. Паднале украсни стиропорни панели кои не се тешки ниту можеле да повредат некого, но биле показател дека постои проблем.
„Деловите кои што одронети се резултат на непрофесионално и нецелосно реконструирање на кровната површина, којашто била реконструирана во 2010 година и при тоа проектот кој бил предвиден за изградба на истиот, не е имплементиран во целост“, вели Апостолоски.
Тој потенцира дека на проблемот му пристапуваат сериозно, затоа и тој е затворен за посетители.
„Мислењето на Градежниот Факултет во Скопје е децидно, односно во насока на тоа дека базенот не треба да работи се додека не бидат санирани оштетувањата на кровот во целост, односно додека не се извршат потребните технички работи“, додава тој за „Скопје1“.
Посочува дека работат и на обезбедување документација неопходна за реконструкција на кровот.
„Изминатиот месец имавме можност во Кочани да забележиме до што може да доведе несериозниот пристап и токму затоа тоа ќе го спречиме во спортскиот центар. За мене и за сите нас како вработени во спортскиот центар, најважна и неприкосновена е безбедноста при користење на сите содржини, вклучувајќи го и базенот“, посочува Апостолоски.
Базенот во салата го користат и пливачки клубови, а најчесто таму членуваат деца.
