Зошто единствениот пратеник од Кочани, не се појави пред семејствата на загинатите: Внимавам со средби во емоционално набиени моменти за да не се влијае на истрагата


Единствениот пратеник во Собранието кој е од Кочани, Миле Лефков, денеска не се појави пред законодавниот дом, каде беа семејствата на загинатите деца од „Пулс“, а негови сограѓани. Тие упатија остри критики, посочувајќи му нему и останатите негови колеги, да излезат надвор. Го потсетија дека тој е пратеник бидејќи тие го гласале. За време на маршот рекоа дека него го виделе само на „Фејсбук“, каде се пофалил дека се донира возило од приватна фирма за кочанската болница, како и на аукцијата. По ова, Лефков за „Скопје1“ посочува дека секој ден е со сограѓаните. Тој вели дека што и да се каже, кај и да се присуствува, според него, нема да биде доволно.
„Јас секојдневно сум во Кочани, таму бев и првиот ден, на денот на погребот, на секоја акција, бев заедно со нив во храмот на комеморацијата на 40-дневницата- таму сум, со нив сум, но знам дека што и да се каже и каде и да се присуствува нема да биде доволно тоа го знам и сум свесен за тоа, потребно е време и правда. Лично сум против за политичките злоупотреби и злоупотребата на судбините на луѓето кои го загубиле најмилото а особено внимавам, со среби и изјави во емоционално набиени моменти да не се влијае на истрагата или да се остави впечаток за таков обид“, вели Лефков за „Скопје1“.
Тој смета дека имало обид за политичка злоупотреба во текот на денот. Посочува дека болката на родителите била поврзана со интерпелацијата на Панче Ташковски.
„Нема правда ако таа се обои со политичка злоупотреба, ништо нема споредба со болката на родителите, особено не на ден кога таа болка се обидуваат да ја поврзат со интерпелацијата на оној кој треба да се грижи за ефективноста на истрагата. Лично, им останувам отворен и достапен за секоја средба, разговор и поддршка што е во моја моќ — на соодветно место, на начин што ќе биде соодветен и на институционалните надлежности и со полно почитување на болката на семејствата“, додава пратеникот Лефков за „Скопје1“.
Дел од семејствата реагираа и на тоа што Лефков не се појавил ниту на еден нивни марш, иако тие секоја сабота се на кочанските улици.
