Трамп го намалува финансирањето на јавните медиуми


Белата куќа соопшти дека Доналд Трамп потпишал извршна наредба со која се намалува финансирањето за NPR и PBS, што е најнов обид на американскиот претседател да го користи федералното финансирање како средство за влијание врз институциите што ги не одобрува.
Наредбата ѝ наложува на Корпорацијата за јавно радиодифузија (CPB), која ги распределува средствата на PBS и NPR, да „прекине со директното финансирање“ за нив, според текстот на наредбата објавена од Белата куќа во четврток навечер. Медиумите се означени како партиски и пристрасни.
„Управниот одбор на CPB ќе го прекине постојното директно финансирање во најголема можна мера дозволена со закон и ќе одбие да обезбеди идно финансирање“, се вели во наредбата.
И NPR и PBS претходно предупредија дека обидот на Трамп да го намали нивното финансирање ќе ги наруши основните медиумски услуги и ќе има „разорно влијание“ врз Американците кои се потпираат на нив за веродостојни локални и национални вести, вклучително и за време на вонредни состојби.
Администрацијата на Трамп ги етикетираше повеќе институции во академијата и медиумската индустрија, од Харвард и Колумбија до NPR и PBS, како левичарски, марксистички, пристрасни и „разбудени“ и се закани дека ќе го намали финансирањето. Активистите за човекови права изразија загриженост за заканите врз слободата на говорот и академската слобода.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп и неговиот сојузник, милијардерот Илон Маск, започнаа кампања за намалување на трошоците што резултираше со распуштање и обид за распуштање на разни агенции и отпуштање на повеќе од 200.000 федерални вработени.
Администрацијата на Трамп се обидува да ги затвори „Гласот на Америка“, „Радио Слободна Азија“ и радио и телевизиските мрежи MBN кои емитуваат вести од Блискиот Исток, чии вести се финансирани од владата. Федерален судија ѝ наложи на администрацијата на Трамп кон крајот на април да ги запре тие напори.
Извршната наредба на Трамп од четврток има за цел да го запре индиректното финансирање за NPR и PBS со тоа што бара од CPB да обезбеди „дека носителите на лиценци и дозволи на јавните радио и телевизиски станици, како и сите други приматели на средства од CPB, не користат федерални средства за NPR и PBS“.
CPB ја тужеше Белата куќа во понеделник откако Трамп се обиде да отпушти тројца од петте членови на одборот. Непрофитната корпорација е создадена од Конгресот во 1967 година и финансира повеќе од 1.500 локално управувани јавни радио и телевизиски станици.
Неколку медиуми објавија дека Белата куќа планира да побара од Конгресот да намали за 1,1 милијарда долари финансирање за CPB, износ што би бил еквивалентен на двегодишно финансирање.
NPR има повеќе од 900 вработени, според нејзината веб-страница. Точниот број на вработени во PBS е нејасен, иако еден медиумски извештај вели дека имало повеќе од 550 вработени на крајот на 2022 година.
