Трамп за својот имиџ како папа: На медиумите за лажни вести не им се допаѓа, католиците ја сакаат сликата


Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли загриженостите дека сликата од него генерирана од вештачка интелигенција како следен папа е навредлива за католиците.
Контроверзната слика беше објавена на профилот на Трамп на социјалната мрежа Truth Social во петокот. Не е познато дали ја објавил самиот Трамп или некој од неговите соработници. Сликата предизвика мешани реакции. Поранешниот италијански премиер Матео Ренци рече дека станува збор за „слика што ги навредува верниците, ги навредува институциите и покажува дека лидерот на глобалната десница ужива да биде кловн“.
Тимоти Долан, надбискупот на Њујорк кого Трамп го препорача за папа минатата недела, и Католичката конференција на државата Њујорк, исто така, изразија незадоволство.
Кога беше прашан за негативната реакција на католиците на сликата, Трамп одговори: „Не размислувајте за католиците, размислувајте за медиумите со лажни вести… Католиците ја обожаваат (сликата).“
Тој изјави дека не ја видел сликата, која беше споделена и на X од официјалниот профил на Белата куќа, до недела навечер.
„Немам поим од каде потекнува. Можеби е вештачка интелигенција. Но, не знам ништо за тоа. Видов синоќа. Всушност, на жена ми ѝ се чинеше слатко. Рече: „Не е ли убаво?““, рече Трамп.
Откако минатата недела се пошегува дека би сакал да биде следниот папа, сега рече дека таа позиција не е во неговите планови. „Всушност, не би се оженил. Колку што знам, папите не се големи обожаватели на свадбите, нели? Не, колку што знаеме, не се“, нагласи тој.
