„Не чекајте твоето дете да биде следно” – нов протест на родителите на загинатите од Кочани


Со молк и високо кренати фотографии од своите загинати чеда, мајките од Кочани чии деца настрадаа во ужасниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани побараа правда за трагичниот случај кој ја потресе македонската и светската јавност и во кој загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.
„Бараме правда“, „Не чекајте твоето дете да биде следно“, „Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“, „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Каде да фатиме врски да ги вратиме другарите“, се пораките кои семејствата на загинатите млади во пожарот на 16 март во „Пулс“ во Кочани ги подигнаа пред полициската станица, општината и пред судот во Кочани, јасно порачувајќи дека се свесни за корупцијата и корупираните одговорни лица кои замижувале за сите недоследности и криминални дејства кои се случувале во дискотеката што доведоа до најголемата трагедија со 62 загубени млади животи.
Утринава, родителите преку соопштение до медиумите кажаа дека ја одбиле поканата од Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје. Причината за одбивањето е доцнењето на поканата бидејќи тие уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани. Родителите велат дека дел од нив не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата. Во соопштението додаваат дека нивниот став не е израз на целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.
„Ова е наш начин да ја одбележиме болката, да побараме правда и да ги потсетиме институциите дека не смееме да дозволиме ваква трагедија да се повтори“, се вели во соопштението.
