Македонија

Не се враќаш кај народот туку на црната листа, не излегуваш туку ја предаваш Владата, му вели Меџити на Таравари

Изет Меџити, лидерот на Демократското движење и еден од предводниците на коалицијата „Вреди“, реагираше остро на одлуката на Арбен Таравари и неговото крило од Алијансата за Албанците да ја напуштат владината коалиција. Во објава на Фејсбук, Меџити напиша дека Таравари не ја напуштил Владата – туку ја предал.

„Ти не донесе промени. Не се враќаш кај народот – се враќаш на црната листа. Не излегуваш од Владата, туку ја предаваш“, истакна Меџити во својот пост.

Тој додаде дека, според него, Таравари претставува разочарување за секој Албанец кој гласал со надеж за промена. Меџити порача дека коалицијата Влен ќе продолжи со борбата за промени и ги повика сите активисти, поддржувачи и гласачи кои се чувствуваат изневерени и изоставени да им се придружат.

Од друга страна, Арбен Таравари синоќа по состанокот во Тетово соопшти дека неговата партија ја напушта Владата и преминува во опозиција. Тој изјави дека, иако лани ја донеле промената во албанскиот политички блок по две децении, промените кои граѓаните ги очекувале не биле реализирани, поради што тие секојдневно се соочувале со критики.

На почеток