Македонија

Тензии во собраниските ходници помеѓу Апасиев и Ристески; Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ: Аман Димче, не плачи, доста е

Пратениците Димитар Апасиев од Левица и Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ имале кавга во собраниските ходници, но Собранието веќе неколку часа не открива што точно се случувало на третиот кат од зградата. Ристески преку социјалните мрежи посочува дека Апасиев глуми жртва па додава „Аман Димче не плачи, доста е“. До моментот на објавување, нема став од Апасиев.

„Од причина што се појавија шпекулации за еден немил настан во собранието предизвикан од хистеричниот и нервен лидер на Левица, Димче Апасиев, би сакал да појаснам дека наводите споменати во дел од медиумите не се точни и не е прв пат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание, нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на среќна нова 49-та. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на едно неуротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни. Неговата кавга е по принципот навреди на безбедно растојание, па ‘мајка бежанија’, која му ја исполни денешната цел и смисла на постоењето, а тоа е да добие дел од медиумското внимание, нешто кое се заслужува со подвизи, проекти, идеи, визија, програми, принципи, а не со циркуз каков што тој неретко приредува. Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4.5 проценти рејтинг, како одличен спаринг партнер на СДС и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата. Сепак, наша улога како пратеници е да имаме конструктивен придонес во креирањето на политики и закони кои ќе овозможат развој и напредок на нашиот народ и држава, а вакви немили настани не дефикусираат од таа суштинска цел. Аман Димче, не плачи. Доста е“, напиша Ристески.

Повеќе новинари побараа став од собраниската пресс служба, дали е точно дека имало реакција и на обезбедувањето, но досега нема одговор. Според неофицијални информации, немало физичка пресметка, а ситуацијата била тензична.

На почеток