Македонија

Мицкоски прогнозира дека СДСМ може да не освои ни една општина, најави големи промени во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека ВМРО ДПМНЕ се подготвува интензивно за локалните избори. Најави дека кандидатите за градоначалници ќе ги објават во два циклуса, а првиот кон крајот на мај по состаноците на ИК и ЦК на ВМРО ДПМНЕ.

„Тоа што можам да го соопштам и кое ми е чест, задоволство но и голема обврска и товар истовремено е дека нашите кандидати водат со 4 до 5 спрема 1 во однос на сите кандидати на опозицијата во буквално сите општини. Не само што водат нашите најдобри кандидати, туку водат и останати тројца на листите чии имиња се истражуваат. ВМРО-ДПМНЕ победува на овие избори, а опозицијата прашање е дали ќе освои 2 до 4 општини. А ако продолжи вака како што тргнале може да не освои ниту една”, вели Мицкоски.

Најави дека по редовниот партиски конгрес на крајот на годинава, најдоцна на почеток на наредната ќе има големи промени во партијата и во Владата.

„Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам ова уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам сѐ тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот. Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари”, рече Мицкоски.

На почеток