Македонија

(Видео) По сведочењата за недостатоци на медикаменти по трагедијата, ќе се испитува ли работата на болницата во Кочани?

Посетители на дискотеката „Пулс“ кои спасувале повредени кобната вечер, сведочат дека во болницата имало недостатоци на медикаменти. Родители на загинати деца, сведочеа дека немало доволно боци за кислород. Обвинителството без конкретен одговор – дали се провериле ресурсите со кои располагала Болницата во Кочани, како и дали истите се согласно законските обврски. Ова прашање се наметна откако во „Претрес со Ландов“, Дарио Трифунов просведочи за хаосот во болницата. Истовремено, Стојка Иванова-Антова, мајка на загинатата Ивона, на протестот рече дека нејзината ќерка починала оти не ѝ била пружена помош, а не ѝ бил даден ни кислород. Обвинителството вика дека постапува и испитува кривична одговорност, кај секој што со своето постапување или непостапување можел да придонесе за трагичните последици. Досега не е поведена постапка за болницата или раководните лица.

„Дали кај одредена институција или поединец може да има одговорност ќе покажат доказите и особено прибавените вештачења, а секој еден кај кого ќе биде утврдена кривична одговорност ќе биде процесуиран. За сите лица за кои до овој момент е поведена истрага јавноста е известена“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.

Претходно, Дарио Трифунов ни просведочи за хаосот во кочанската болница кобната вечер кога се запали „Пулс“. Снемале физиолошки раствор, немало ни ножици.

„Ние влеговме во болницата, имаше 2-3. На почетокот беше смирено. Имаше уште некои повредени, викаат дека им е топло и дека се жедни. И од што немаше физиолошки течности, со ладна вода ги потуравме, од што немаше со што друго, за да не се каче температура и да се онесвестат. Памтам, имаше таму едно дете, блузата му беше изгорена, не можевме да најдеме ножички, немаше ножички во болницата. После тоа снема вода. Потоа, дојдоа многу деца. И полицаецот го донесоа. Имаше многу онесвестени…“, рече Дарио Трифунов, кој кобната вечер бил гостин во дискотеката, а сега е дел од „Support Kocani“.

Мајката на Ивона Антова, планинарка која загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а која е единствена жена пожарникар во градот, вели дека детето ѝ било оставено без кислород и медицинска грижа.

„Да, беше оставена во кецот, полицијата не нѐ пушти да влеземе. После отиде мажот ми и он ја најде, покриена со ќебе, легната на перница, свртена на страна. Сакала да слезе од кревет, била со ногата надолу падната. Не ѝ е пружено, не ѝ е дадено кислород. Така ја најдовме“, кажа Стојка Иванова-Антова.

И семејството на загинатиот Андреј Стојанов трагаше по одговори – дали болницата не му пружила помош или не се изборил уште во диското.

На почеток