Се одлага подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, поништувањето на изборот е правен преседан, вели Уставен суд


Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Македонија со кој е доставена пресудата на Управниот суд на Република Македонија.
„Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности.
На денешниот работен состанок, поради големиот интерес на јавноста за приоритетни прашања, Судот одлучи:
Да се одложи подготвителната седница по предметот за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, од причина што судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со пресудата на Управниот суд е судија-известител на конкретниот предмет, а дополнително Судот има донесено Заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав на Судот.
Во врска со правните импликации по Пресудата на Управниот суд, укажуваме дека согласно со член 112 став 2 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, Уставниот суд нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувал судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со Пресудата на Управниот суд“, велат од судот.
