Свет

Ривалите на Бајден се сомневаат дека се прикривале информации дека тој е болен од рак, доктори велат дека е можно брзо да се развил

Поранешниот американски претседател Џо Бајден вчера им се заблагодари на своите поддржувачи за „изразите на поддршка“ што му ги покажаа откако еден ден претходно објави дека боледува од рак, додека сојузниците на Доналд Трамп изразија сомневање дека помошниците на Бајден ги прикривале неговите здравствени проблеми.

„Ракот нè засега сите. Ви благодариме што нè поддржувате со вашата љубов и охрабрување“, напиша 82-годишниот демократ во кратка порака на социјалните мрежи и сподели фотографија со сопругата.

Неговите помошници објавија во неделата дека му е дијагностицирана „агресивна“ форма на рак на простата која се проширила и „метастазирала во коските“ неколку дена претходно. Според Глисоновиот резултат, кој ја мери абнормалноста на клетките на ракот, Бајден има оценка 9 на скала од 1 до 10. Дијагнозата повторно ги разгоре шпекулациите дека помошниците на Бајден прикривале информации за неговото влошено здравје за време на неговиот мандат.

„Да бидеме искрени“, рече американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, додека Доналд Трамп помладиот, еден од синовите на сегашниот претседател, отиде дотаму што отворено ја доведе во прашање можноста за „прикривање“ на информации.

„Иако ракот на простата обично се дијагностицира порано од другите видови за време на рутинските прегледи, не е невозможно да бил занемарен или брзо се развил кај Џо Бајден“, изјави за АФП Отис Броули, професор по онкологија на престижниот универзитет Џонс Хопкинс. „Не е невообичаено маж да биде дијагностициран со метастатска болест на простата и покрај редовните годишни прегледи“, рече Броули.

„Не можеме да ја исклучиме можноста дека станува збор за исклучително агресивна форма што се развила брзо“, рече онкологот Наташа Наун од францускиот институт Густав-Руси. Ракот на простата е најчестиот рак кај машката популација и сочинува 15 проценти од сите видови рак кај мажите. Во Соединетите Американски Држави, тој е „втора водечка причина за смрт од рак кај мажите“, според Американското здружение за рак.

„Џо Бајден и неговото семејство разговараат за опциите за лекување со неговите лекари“, соопшти кабинетот на Бајден. Актуелниот претседател Доналд Трамп изјави дека е „тажен“ од веста и му посака на својот претходник „брзо закрепнување“, и покрај тоа што со години се потсмеваше на неговите физички и когнитивни способности.

„Џо е борец“, коментираше поранешната потпретседателка Камала Харис, а британскиот крал Чарлс, кој самиот има рак, му испрати писмо на Бајден со поддршка, објави вчера Бакингемската палата.

На почеток