Мајката на загинатата Моника за средбата меѓу родители и Мицкоски: Да се претстават тие кои некрофилски ни забиваат секири во грб!


По објавата на дел од медиумите дека премиерот Христијан Мицкоски имал тајна средба со дел од родителите на загинатите деца од Кочани, реагираше Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова. Таа бара родителите да се кажат со име и презиме.
„Родителите се со име и презиме! Бараме сега јасно и гласно и јавно да се претстават пред сите нас родители на кои некрофилски ни забиваат не ножеви во грб, туку секири ни забиваат, а глодарски ни ги распарчуваат и така скршените и распарчени наши души, а тоа што ни го прават ниту нашите агнели не ни ги оставаат да почиваат во мир. Арам и срам да се нема бре!“, пишува Трифунова.
Таа е лута бидејќи денот кога тие дојдоа во Скопје, тие не биле примени во Владата.
„Кога идевме за Скопје зошто не малтретираа на тоа пеколно жешко и не не удостоија, а има издвоен состанок со сите родители? Секоја задоцнета реакција си има последици. И како тие жени, мајки, медицински сестри, наставнички, професорки и од други професии не ли се пронајдоа како понижени дека се враќаат во нокните часови и дена нивните деца се безбедни? И тоа не ми е јасно“, стои во објавата на Фејсбук.
Од Владата за „Слободен печат“ посочиле дека семејствата барале средбата да не биде најавена во медиумите.
„Како Влада имаме обврска да ги почитуваме барањата на сите граѓани кои остваруваат средба со премиерот и од таа причина остануваме на веќе изнесените ставови на претседателот на Владата. Ние остануваме во постојан контакт со сите засегнати од трагедијата, но воедно нема да подлегнуваме на желбата на неколкумина да прават политички злоупотреби од оваа трагедија“, рекле од Владата.
