„Алкалоид“ чекаше, „АЕК“ се повлече – финалето стопирано


Натпреварот што требаше да биде ракометен спектакл во Скопје – финалето меѓу Алкалоид и АЕК – е откажан пред самиот почеток. Причината? Екипата на АЕК одби да излезе на терен, поради спор околу влезот на нивните навивачи.
„Натпреварот вечерва нема да се одигра за жал. АЕК нема да излезе на терен. Така што, за понатамошни инструкции што со овој натпревар, ќе чекаме информации. За вечерашниот натпревар што требаше да биде спектакл, се извинуваме. Добивме информација дека екипата на АЕК не сака да го одигра натпреварот“, рече официјалниот спикер.
Вечерва требаше да се додели пехарот, но тоа нема да се случи. За судбината на ова финале ќе се одлучува дополнително. Според неофицијалните информации, екипата на АЕК се откажала оти сакале во салата да влезат повеќе од 200 нивни навивачи, што било недозволиво и надвор од дадените насоки.
Неофицијално, играчите на АЕК сакале да го играат натпреварот, ама претседателот на клубот бил во кавга со навивачите и добивал закани. Па затоа, била донесена ваква одлука. Дали ќе има нов натпревар или ќе биде доделен пехарот на „Алкалоид“, ќе одлучува Европската ракометна федерација.
