Спорт

Грчките медиуми за грчката драма во Скопје

Одлуката на ракометниот клуб АЕК да не се појави на реванш натпреварот против Алкалоид во финалето на ЕХФ Европскиот Куп во Скопје предизвика лавина реакции во грчката јавност и медиуми. Потегот на АЕК, кој го правда со третманот на нивните навивачи, се слави како „одбрана на честа“, но во Македонија се доживува како класичен бојкот со политичка и навивачка позадина.

„Браво претседателе!“, „Честитки Папастаматис!“, „Вака се брани честа“ – со вакви пораки грчката јавност го поздрави потегот на АЕК, кој одби да се појави на реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот куп против Алкалоид во Скопје.

АЕК тврди дека нивните навивачи биле условени: или ќе влезат сите што тргнале со автобуси од Атина, или никој. Тие инсистираат на спортското правило според кое 10% од капацитетот на салата треба да биде резервирано за гостинска публика – што за „Борис Трајковски“ значи околу 650 луѓе.

Македонската полиција, по безбедносна проценка, одлучи дека е невозможно да се обезбеди влез за толку голем број навивачи.

Навивачката група „Оригинал 21“ од Атина излезе со соопштение: „Ова беше голем момент за клубот. Играчите се откажаа од европски трофеј за да нè поддржат. За нас, тие веќе се победници. Нашето правило ‘сите или никој’ не е каприц – тоа е животен став.“

Грчките медиуми пренесуваат дека на АЕК му биле доделени само 190 билети, наспроти очекуваните 1.000. Дел од автобусите со навивачи биле вратени на Евзони, по што клубот ја информирал ЕХФ дека нема да излезе на терен.

Алкалоид одговори со соопштение: „Натпреварот не се одигра бидејќи противникот одлучи да не игра“.

Натпреварот останува „во воздух“, а исходот зависи од одлуките на ЕХФ.

На почеток