Скопје

(Видео) Во Скопје стартува изнајмување на електрични автомобили – 22 денари по километар и 5 денари по минута мирување

Од денес, граѓаните на Скопје имаат нова, поеколошка опција за превоз – електрични автомобили достапни за изнајмување преку словенечката компанија „Авант кар“. Услугата се наплатува 22 денари по извозен километар и 5 денари по минута додека возилото мирува.

Во првата фаза, достапни се 100 електрични автомобили, кои се поставени на посебно обележани паркинзи низ градот.

Промотивно возење денес направија министерката за енергетика, Сања Божиновска, и министерот за животна средина, Изет Меџити. Тие со одделни електрични автомобили пристигнаа пред Владата, каде ги пречека сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер.

„Ова е мал, но значаен чекор кон одржлива иднина. Ќе има помалку бучава, помалку загадување и повеќе слободни паркинг-места. Очекуваме оваа услуга да донесе поевтин и поеколошки превоз, достапен и за граѓаните и за институциите“, изјави Чер. Тој најави дека во наредните 2-3 години, бројот на возила може да достигне до 1.000 и да се прошири во други македонски градови.

Министерот Меџити го поддржа проектот, нагласувајќи дека вакви иницијативи носат придобивки за животната средина и квалитетот на живеење во урбаните средини.

Министерката Божиновска очекува новата услуга да биде особено привлечна за младите. Таа најави дека ќе се работи на одобрување на паркинг-локации во близина на универзитетите и повика на соработка од страна на општините.

За користење на услугата потребна е мобилна апликација, која од денес е достапна за преземање.

На почеток