Има и полоши болници од кочанската, ниту еден пациент нема да остане незгрижен или нетретиран, рече Мицкоски по забелешките од пациенти


По забелешките на дел од повредените од дискотеката „Пулс“, дека во кочанската болница нема ниту услови да се третираат отворените рани, како и дека им ги мијат во обични мијалници – премиерот Христијан Мицкоски вели дека ниту еден пациент нема да остане нетретиран. Најави дека планираат проект насловен како „Кочани 2030“ кои би го спровеле со Европската комисија, а преку кој ќе се инвестира во објекти како што е кочанската болница и другите инфраструктури.
„Ќе вложиме многу пари, подготвуваме огромен проект. Ниту еден пациент нема да остане незгрижен или нетретиран“, додаде Мицкоски.
Тој потоа објасни дека има и полоши болници од кочанската.
„Условите во кочанската болница, со жалење констатирам, дека има болници и со полоши услови. И ние во овие 11 месеци не успеавме сѐ да реновинраме. Прв приоритет се тие луѓе. Тоа го покажвме од прв ден, застанавме зад тие луѓе. Направивме сѐ што можеме, за да бидат згрижени надвор од државата, како и во државата. Не сакам за овие работи јавно да зборувам што правиме и како правиме, за да не се злоупотребува оваа трагедија. Се праќаат специјални тимови. За жал, од тие повеќе од 200 луѓе кои беа жртви на овој ужасен настан и последиците кои ќе ги сносат – изгубивме двајца пациенти. Ние се трудиме како Влада, максимално“, рече Мицкоски.
