Македонија

Против Панчо засега нема да има судска постапка за прскалките, оти е во лоша здравствена состојба, обзнани Коцевски

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, синоќа во интервју за ТВ „24“, изјави дека поради сериозната здравствена состојба на Владимир Блажев – Панчо, член на музичката група ДНК, во моментов не може да се води кривична постапка против него.

„Има одредени лица кои што се во тешка здравствена состојба и со консултација со лекарите за нив во моментов е одлучено дека не се во состојба за нив да се води постапка ниту да дадат изјава, за жал“, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вечерва во интервју за ТВ24.

ТВ24: Дали е меѓу нив осомничениот кој беше дел од бендот ДНК?

Коцевски: Такви информации не можам да споделувам, но има и такви.

ТВ24: Кој директно беше нели меѓу осомничените за пиротехниката

Коцевски: Така.

Претходно, беше соопштено дека членови на бендот ги внеле и активирале прскалките.

„Постои сомнение дека членовите на бендот околу 2.32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани, кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената, од кои веднаш се опожарил покривот од објектот и пожарот се проширил на целиот објект“, рекоа при соопштување на детали од истрагата.

Блажев е осомничен за внесување и употреба на пиротехнички средства во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.

На почеток