Почна полагањето матура со предупредување: Фатен препишувач – пауза една година


Повеќе од 15.000 матуранти денеска го полагаат првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик и литература. Испитот е задолжителен за сите ученици, а најголем дел се пријавени за македонски (9969), албански (4339), турски (292) и српски јазик (10).
Според Државниот испитен центар, вкупно се пријавени 15.004 кандидати – од кои најмногу од стручни училишта (8816), гимназии (5966) и уметнички училишта (222).
Следниот екстерен испит, кој е изборен, ќе се полага на 11 јуни. Најмногу ученици ќе полагаат англиски јазик (13.457), а останатите се пријавени за математика, германски, француски, естетика, филозофија и други предмети.
Испитите се одржуваат во училишта со соодветни услови, а каде тоа не е можно во факултетски амфитеатри. Околу 2000 тестатори се вклучени во процесот на надгледување.
Матурантите кои нема да ја положат матурата сега, ќе имаат поправна можност во августовската сесија.
„Сакам да упатам апел до сите учесници. Набљудувачите, тестаторите и директорите на училиштата да бидат на висина на задачата и да придонесат за објективност на целиот процес. Да не дозволиме да се повторуваат непријатни ситуации и нерегуларности кои ги гледавме во минатото. Правната регулатива е затегната и секој сноси одговорност. Учениците да си ја сфатат сериозно обврската. Верувам дека го повториле материјалот кој е веќе совладан и соодветно на тоа, нема треба од иновативни обиди за изигрување на системот и правилата. Знам дека дел од нив поседуваат голема креативност, но таа да се искористи за нешто друго, наместо непотребно да се ризикува. Верувам никој не сака негативни последици. Фатен препишувач, си го стопира времето за цела една година, да не може да полага и да ја добие дипломата од која му зависи понатамошна едукација или вработување. Среќно на сите”, им порача министерката Весна Јаневска.
