Газдата на „Пуцко петрол“, Јахоски е вратен во Македонија, по прославата на Босфор


Газдата на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, се вратил од Турција, дознава „Скопје1“ од извори во МВР. Според неофицијалните информации, тој постапил согласно одлуката на судовите, односно ја искористил времената патна исправа за да прослави завршување на школување на роднина и се вратил. Моментално, тој е во земјава.
„Скопје1“ постави прашања во судот, која била причината поради која Јахоски побарал времена патна исправа, а откако тој до пред еден месец беше и во притвор, а потоа остана и без пасош, бидејќи судиите сметаа дека мора да му се обезбедат мерки за обезбедување присуство. Оттаму очекуваме одговор.
Со оглед дека постапката налага мислење од јавен обвинител, побаравме став и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дали тие дале позитивно или негативно мислење за издавање на времена исправа, како и дали се жалеле на одлуката – и од нив чекаме одговор.
Со став излегоа од Кривичен суд.
„Во текот на месец мај, од страна на одбраната на осомничениот, беше доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање беше одбиено од Кривичниот суд“, велат оттаму и посочуваат дека Јахоски се јавува редовно во кривичниот суд, а тоа треба да го направи и денеска, бидејќи е прв понеделник во месецот.
„Што се однесува до мерката повремено јавување во судот, согласно проверките, осомниченото лице редовно се јавува во Кривичниот суд“, додаваат од судот.
„Скопје1“ вчера објави фотографии од Јахоски на Босфор. Јахоски е осомничен во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. За тоа како излезе од притвор, пишувавме минатиот месец.
