(Видео) Хаотична седница на Град Скопје, заврши пред да започне


Иако денес се очекуваше Советот на Град Скопје да расправа за дивоградбите во општините Чаир и Сарај на две одделни вонредни седници — првата по иницијатива на советничката група на СДСМ, а втората на ВМРО-ДПМНЕ — седницата заврши уште пред да започне. Причината беше што мнозинството советници, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не го изгласаа дневниот ред. Седницата беше хаотична оти градоначалничката Данела Арсовска зеде збор за продецурално обраќање, а дел од советниците сметаа дека тоа не е обраќање за процедурите и бараа да и се одземе зборот.
Со оглед на тоа што поранешниот претседател на Советот, Трајко Славески, е именуван за гувернер на Народната банка, според Деловникот, седницата требаше да ја води најстариот советник, Халиде Палоши од ДУИ. Но, поради нејзиното отсуство, по предлог на советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со седницата претседаваше Никола Пановски.
Иако беше изгласано дека има основа за одржување на вонредна седница по предлог на СДСМ за дивоградбите во Чаир, ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа дневниот ред. Со тоа, седницата беше прекината пред да започне расправата, и покрај присуството на градоначалничката Данела Арсовска и директорите на јавните градски претпријатија.
Арсовска потоа излезе на говорницата и повторно ги обвини, како што рече, за „криминали и фалсификати“ на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, што предизвика жестока расправија меѓу неа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа од Пановски да ѝ го одземе зборот.
По вербалниот конфликт и навредите, советникот Стефан Кирков го повлече предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за втората вонредна седница, посветена на дивоградбите во Сарај, со образложение дека граѓаните не заслужуваат да бидат сведоци на „циркусот“ што се случува во Советот на Град Скопје.
