Страстите се разгореа: Вајц бара извештајот за Македонија да не се гласа сега, Бугарија притиска, Кос бара уставни измени


Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, побара и доби одложување на гласањето за Извештајот за напредокот на земјава. Иако истакна дека цврсто стои зад содржината на извештајот, Вајц одлучи да им даде простор на европратениците, главно од Бугарија.
На предлог на Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска одлучи гласањето за извештајот да се одложи за 24 јуни.
Во меѓувреме, европската комесарка за проширување, Марта Кос, се понуди да посредува во спорот меѓу Македонија и Бугарија. Таа, во обраќањето пред АФЕТ, истакна дека промената на Уставот останува клучен услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
„Бугарија и Северна Македонија треба интензивно да разговараат и да најдат решение за ова билатерално прашање. Јас сум подготвена да помогнам како олеснувач, колку и да е потребно. И да, Северна Македонија мора да го смени Уставот, по што ќе продолжиме со процесот на пристапување. Тоа е тежок процес, но верувам дека сите ќе придонесат“, изјави Кос.
