Македонија

(Фото) Иселеници и сограѓани помагаат на повредените во Кочани, им испраќаат лепенки и медикаменти за раните

Иницијативата „Support Kocani“ речиси три месеци макотрпно собира средства, но и медикаменти за повредените во трагедијата во „Пулс“. Пожртвуваноста на младите кои се здружија со цел да помогнат на секој еден кој има последици од кобниот 16 март, продолжува. Контактираат со компании, иселеници, странци кои им испраќаат по цели куфери со потребни работи за преврски.

„Денес стигна уште една донација од сограѓани во Чикаго, лепенки за лечење на лузни, кои моментално се најпотребни. Проследени се одма на болницата во Кочани“, стои во една од објавите.

Во друга објава, посочуваат и бројот на лепенки кои се потребни за првите месеци.

„Лепенките кои ги препорачаа докторите се Cica-Care, во моментот се потребни 5000-6000, за првите неколку месеци“, додаваат од „Support Kocani“.

Иселеници, пратиле и полни куфери со најпотребните силиконски лепенки. Во засебна објава, тие се заблагодарија на „Зегин“ кои донирале помагала.

„Мултифункционалната маса која е донација за Физикалното одделение е една од донациите која најмногу помага при рехабилитација на нашите деца. Благодарност и до д-р Симона Јованова која го направи списокот за потребните помагала на време“, велат од  „Support Kocani“.

„Скопје1“ при крајот на мај, побара одговор од Министерството за здравство, за недостатокот на медицински персонал, лошите услови, недостатоците на фластери и за сето она на што сведочат повредените, но до овој момент немаме одговор. Непознато останува и колку лица се третираат на дневно ниво во болницата во Кочани, како и колку од тие пациенти се повредените во „Пулс“.

Screenshot

На почеток