Во издание на „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат поетската книга „Бакнежот на судбината“ од Раде Силјан. Во своето најново издание поетот застапува осумдесет песни поделени во шест тематски блокови, кои чинат неразделна тематска целина.
Во стихозбирката „Бакнежот на судбината“ Раде Силјан гради стихови од парчиња душа што се вистински антологиски бисери во ризницата од највредни прости и строги македонски песни, констатира Блаже Миневски во својата препорака на книгата.
Раде Силјан е автор на осумнаесет стихозбирки, високо вреднувани од страна на литературната критика. Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и на државните награди „11 Октомври“ и „Св.Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата. Негови дваесет и пет книги објавени се на англиски, руски, турски, полски, италијански, српски, албански, грчки, романски, украински, молдавски, и бугарски јазик.