Свет

Сведоштва и шок по нападот во училиштето во австриски Грац

Мирното утро во гимназијата BORG Dreierschützengasse во Грац вчера беше прекинато од масовно пукање во кое загинаа девет лица, а повредени се најмалку дванаесет, дел од нив со тешки телесни повреди. Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик на училиштето, по извршениот напад извршил самоубиство.

Очевидци сведочат за сцени на хаос и страв.

„Се слушна пукање, потоа врисоци. Наставниците врескаа да се затворат вратите, а ние се криевме под клупите“, раскажува ученик кој успеал да побегне од зградата.

Една мајка, чиј син бил повреден, откри дека добила повик од него во паника:

„Мамо, мислам дека ќе умрам“, ѝ рекол низ плач“. Детето преживеало.

Во рок од неколку минути, на местото пристигнале специјални полициски единици, над 300 полицајци, медицински екипи со хеликоптери и амбулантни возила. Евакуацијата се спроведувала систематски, а дел од учениците и вработените биле префрлени во спортската сала Helmut List Halle, каде што им била укажана прва психолошка и медицинска помош.

Овој трагичен настан е најсмртоносниот напад во образовна установа во поновата историја на Австрија. Властите прогласија тридневна национална жалост, со спуштање на знамињата на пола копје и минута молк во сите училишта и институции.

Премиерот и претседателот ја изразија својата сочувство до семејствата на жртвите, нарекувајќи го нападот „национална трагедија што го потресе општеството до срж“.

Истрагата е во тек, а властите разгледуваат и можни психолошки мотиви за нападот. Првичните анализи укажуваат дека осомничениот можеби бил жртва на долготрајно малтретирање и се чувствувал отфрлено.

На почеток