Заблуда или системски пропуст: Пациентите од „Пулс“ плаќаат партиципација, Министерството бара решение


Повредените од дискотеката „Пулс“, но и посетителите кои мораат да прават редовни контроли, и натаму плаќаат партиципации за лекување, односно услуги по болниците во Македонија. До редакцијата на „Скопје1“ се обрати лице кое правело испитување во болницата „8 септември“ на одделот за Пулмологија. По прегледот, требало да се плати. Посочува дека не е проблемот во 400 денари, но стравува дека можеби на таква контрола ќе отиде некој што нема или не испланирал, бидејќи во неколку наврати претходно, беше кажано дека лекувањето е бесплатно, а тоа не се однесува на и на контролите.
„Земаат партиципација за преглед во ‘8 септември’. Бев на пулмологија на контрола, а долу, за резултатите, ни наплатија. Кажавме дека сме од Кочани, ама ништо не искоментираа. Претходно, кога кога доаѓаа во Кочани, ми кажаа да одам на контрола на пулмологија оти кашлав и ми кажаа да одам во било која болница, само да кажам дека сум од пожарот. Отидов, направија сѐ и кажаа дека се плаќа. 400 денари не беше многу, ама ќе оди некој што стварно нема, а тоа не е во ред. Пред еден месец, на контрола во Белград, не ни наплатија ништо“, вели пациент.
Заблудата е направена поради изјавите во јавноста кои ги имаше од ексминистерот за здравство, Арбен Таравари. Тој кажа дека 99% од лекувањето ќе биде бесплатно, а тоа се однесуваше на хоспитализирањето, но очигледно не на контролите. „Скопје1“ се обрати до Владата, каде велат дека и натаму бараат начин за да се надмине оваа состојба.
„Во моментов, станува збор за законско решение со кое рамноправно за сите граѓани е утврден начинот на плаќање на партиципација. Но, во моментов, Министерството за здравство работи на изнаоѓање на начин и методологија, доколку постои, како би можело да се надмине оваа состојба“, вели владината портпаролка Марија Митева за „Скопје1“.
Во здравствениот систем постојат групи на луѓе кои согласно прописите се ослободени од плаќање на партиципација. Едни од нив се дарителите на крв. До измените на прописите, повредените од „Пулс“, ќе плаќаат за услугите во државното здравство при правење на контролите.
