Свет

Иран им се заканува на САД, Трамп возвраќа: „Обидете се и ќе ве нападнеме со сила каква што никогаш досега не сте виделе!“

Доналд Трамп се закани дека ќе одговори на секој ирански напад врз САД со „целата сила и моќ на вооружените сили на САД“.

Во објава на Truth Social, американскиот претседател рече дека САД „немаат никаква врска со нападот врз Иран вечерва“.

Тој напиша: „Ако Иран нѐ нападне на кој било начин, целата сила и моќ на вооружените сили на САД ќе се спуштат врз вас на нивоа што не се видени досега“.

„Сепак, лесно можеме да постигнеме договор меѓу Иран и Израел и да го завршиме овој крвав конфликт!!!“

Неговите коментари дојдоа откако Иран и Израел разменија ракетни напади преку ноќ. Извештаите од Израел велат дека осум лица биле убиени во два напади врз станбени згради.

Израел, исто така, продолжи со своите напади преку ноќ, велејќи на социјалните медиуми дека ги таргетирал седиштето на Министерството за одбрана во Техеран, локација за нуклеарен проект и „дополнителни цели“.

Бројот на жртви од иранска страна во моментов е непознат.

Израел инсистира дека неговите постапки се клучни за спречување на Иран да развие нуклеарно оружје во блиска иднина. Сепак, Иран долго време тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирни цели.

Претходно, високи ирански воени претставници изјавија дека конфликтот нема да запре со сегашните дејствија.

– Овој конфликт нема да заврши со ограничени потези. Иранските напади ќе продолжат, изјави неименуваниот висок претставник, пренесува агенцијата Фарс.

Според истиот извор, Иран планира да го прошири конфликтот на американските бази во регионот во наредните денови.

На почеток