Пристигна првата пратка компресивни костуми за повредените од „Пулс“, неопходи за лицата со длабоки изгореници и транспалтирана кожа


Организацијата „Сапорт Кочани“ денеска ја прими првата пратка со компресивна медицинска облека за повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Овие специјализирани костуми се наменети за жртвите кои претрпеа тешки изгореници и се од клучно значење за нивната долготрајна рехабилитација.
Пратката пристигна од „Хелт2000“ – компанија од Бугарија, а облеката е од брендот „Јузо“ – водечки германски производител со долгогодишно искуство во компресивна терапија. Заедно со донацијата во Кочани пристигнаа и медицински стручњаци од Бугарија, Германија и Холандија, кои одржаа обука за правилна употреба на облеката.
Компресивните костуми се медицинска неопходност за лица со длабоки изгореници и трансплантирана кожа. Тие го спречуваат развојот на хипертрофични лузни, ја намалуваат болката и го подобруваат квалитетот на животот во посттрауматскиот период. Без нив, пациентите може да се соочат со сериозни и трајни последици.
Вредноста на првата пратка изнесува 923.458 денари и целосно е покриена од донации преку „Сапорт Кочани“. Организацијата информираше дека веќе се обезбедени средства и за втора тура облека, а упатија благодарност до сите кои помогнаа
Во пожарот што избувна во март годинава во дискотеката „Пулс“, загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени, од кои дел со тешки телесни и изгорени повреди. Рехабилитацијата на преживеаните е долга, скапа и комплексна, а јавноста сè уште бара одговорност за трагедијата.
