Го врзал, му ја затворил устата и го убил – судот одобри екстрадиција на Македонецот во Германија


Грчкиот Апелационен суд во Солун донесе одлука за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Македонија во Германија, каде што се товари за грабеж и убиство на 81-годишен маж во градот Библис. Информацијата ја објави весникот „Катимерини“.
Според германските медиуми, убиството се случило на 9 февруари. Два дена подоцна, телото на жртвата било пронајдено во неговиот стан на улицата Линденштрасе, откако роднините се загрижиле што не се јавува. Обдукцијата потврдила насилна смрт, а истрагата ја презеле обвинителството во Дармштат и криминалистичкиот оддел во Хепенхајм.
Германските власти соопштија дека околностите упатуваат на свирепо убиство. За случајот е формирана специјална истражна единица под кодно име „1002“, составена од над 20 полицајци. Активирана е и телефонска линија за потенцијални сведоци.
Осомничениот 34-годишен Македонец бил уапсен во мај на граничниот премин Евзони, за време на рутинска полициска проверка, при што било утврдено дека е предмет на европска потерница. Според германското обвинителство, тој престојувал во Германија на службено патување со група сограѓани, а сместувањето било организирано токму кај жртвата. Токму таму, осомничениот и неговите соизвршители го врзале мажот, му ја затвориле устата и го ограбиле, што, според обвинението, довело до негова смрт поради задушување.
Пред судот во Солун, осомничениот побарал да не биде екстрадиран, со образложение дека доколку остане во Грција, неговото семејство од Велес полесно ќе може да го посетува. Сепак, судот го одбил барањето и ја одобрил екстрадицијата во Германија, каде што ќе се соочи со тешки обвиненија.
