Свет

Трамп повторно проговори за нападот врз Иран

По американскиот воздушен напад врз три ирански нуклеарни објекти, политичката и безбедносна тензија на Блискиот Исток нагло ескалира. Операцијата наречена „Полноќен чекан“, во која САД користеа бункер-бомби GBU-57 и стратешки бомбардери B-2, беше оценета како „историски воен успех“ од американскиот претседател Доналд Трамп, но и како „чин со трајни последици“ од страна на Техеран.

Во објава на својата мрежа Truth Social, Трамп остро го нападна републиканскиот конгресмен Томас Меси, кој го критикуваше нападот како „неуставен“.

„И покрај спектакуларниот успех, овој конгресмен се противи на нешто што беше изведено со совршена прецизност. MAGA не се занимава со мрзеливи политичари, а Меси е токму тоа“, напиша Трамп.

Покрај Меси, и конгресменот Ворен Дејвидсон од Охајо изрази сомнеж во уставната оправданост на нападот, велејќи дека не гледа „разумна основа“ за ваков потег.

Според министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, нападите биле насочени кон нуклеарните локации во Фордоу, Натанз и Исфахан, со цел да се „уништат или значително забават“ иранските нуклеарни капацитети. Во операцијата биле употребени:

14 GBU-57 „бункер-бомби“, специјално развиени за пробивање на бетон и карпи длабоко под земја.

B-2 бомбардери, во своја прва борбена употреба по 2001 година.

Круизни проектили од подморници, насочени кон објектот во Исфахан.

Според Пентагон, нападот бил високоризична и технички сложена мисија, но целосно успешно изведена.

Иранското раководство потврди дека се нападнати трите локации и дека се врши проценка на штетата. Според новинската агенција IRNA, е оштетено подрачјето околу Фордоу, но засега нема официјална бројка за внатрешните последици. Црвениот полумесечина потврди дека најмалку 11 лица се повредени.

Меѓутоа, министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави дека дипломатијата е суспендирана, и оти „одговорот ќе следува согласно легитимното право на самоодбрана“.

„САД разбираат само јазик на закана и сила. Овој напад ќе има трајни последици“, предупреди Арагчи.

Американските власти, пак, инсистираат дека целта на акцијата не е промена на режимот, туку неутрализација на иранскиот нуклеарен потенцијал.

„Ние не сме во војна со иранскиот народ, туку со програмата која претставува закана за нашите национални интереси и за нашиот сојузник Израел“, изјави министерот Хегсет.

Потпретседателот Џеј Ди Венс истакна: „Ова беше прецизен, целен удар. Не сакаме војна, сакаме безбедност.“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги поздрави нападите како „смела одлука што ќе ја запомни историјата“, велејќи дека претседателот Трамп „успеа да го спречи најопасниот режим во светот да стигне до најопасното оружје“.

Израел на 13 јуни започна сопствена кампања на воздушни напади врз Иран, обвинувајќи го за развој на нуклеарно оружје. Техеран постојано негира и тврди дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за цивилни цели.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази „длабока вознемиреност“ и повика на итна деескалација.

„Светот не смее да се најде во нов глобален конфликт поради ескалација на еден регионален спор“, предупреди тој.

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) соопшти дека првичните мерења не покажале излевање радијација, но истражувањата продолжуваат.

На почеток