Свет

(Видео) Кризата ја турка цената на нафтата кон нови рекорди – страв од затворање на Хормуз

Цените на нафтата на светските пазари пораснаа за повеќе од 2,5 проценти изминатата недела, а трендот на раст продолжи и во понеделникот, откако САД изведоа воздушни напади врз ирански нуклеарни постројки, што ги засили стравувањата од прекин на испораките од Блискиот Исток.

Во понеделникот наутро, цената на нафтата достигна највисоко ниво во последните пет месеци. На лондонската берза, барел се тргуваше по 77,01 долар – скок од 3,6%, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,7%, на 73,84 долара. Од почетокот на ескалацијата, цената на нафтата во Лондон е зголемена за повеќе од 13%, а во САД за над 10%.

Ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, во кој сега се директно вклучени и САД, ја зголеми неизвесноста на енергетските пазари. Американските воздушни сили во саботата нападнаа три нуклеарни постројки во Иран, со цел, според Вашингтон, да се спречи можноста Техеран да произведе нуклеарно оружје.

Во одговор, Иран изврши масовно ракетирање врз цели во Израел, што предизвикува сериозни грижи за понатамошна регионална ескалација – особено околу клучната точка: Хормушкиот теснец.

Хормуз е најважниот светски нафтоводен коридор, преку кој дневно поминуваат околу 18 милиони барели сурова нафта и деривати – што претставува околу 20% од глобалната понуда. Вашингтон побара од Кина да изврши притисок врз Иран да не го блокира теснецот.

„Ако Иран почне селективно да го попречува транспортот преку Хормуз, цената на барелот би можела лесно да скокне над 100 долари“, предупредува аналитичарот Вивек Дар од Commonwealth Bank of Australia.

Пазарите се на раб на нов нафтен шок – војната на Блискиот Исток сè повеќе го диктира глобалниот економски курс.

На почеток