Свет

Иранска новинска агенција: Нападната американска воена база во Сирија

Американска воена база во западната сиријска провинција Хасака била цел на напад, јави денеска иранската новинска агенција Mehr, повикувајќи се на разузнавачки извори. Според нивните наводи, станува збор за базата во селото Касрек, каде по нападот биле преземени строги безбедносни мерки, особено на главниот влез.

Засега нема потврдени детали за природата или последиците од нападот, ниту од западните медиуми, кои сѐ уште не објавиле информации за инцидентот.

Базата Касрек, според податоци од почетокот на јуни, била една од трите американски бази кои сè уште функционираат во Сирија – заедно со базите Ал Шадади и Омар Оил Филд. Претходно, САД имаа осум бази во земјата, но според агенцијата Anadolu, бројот бил намален како дел од поширок процес на повлекување.

Во јуни, Reuters објави дека американските сили целосно се повлекле од базите Ал-Вазир и Тел Бајдар, додека други бази, меѓу кои Џафра, Химо и Коноко Гас Филд, исто така биле затворени. Во нив биле присутни само мали сили од Сириските демократски сили (СДФ).

Според изворите, во базата во Касрек биле распоредени и британски и француски војници, а таму се градела и голема полска болница.

Американската база Ал Шадади веќе беше цел на напад во јуни, кога три ирански ракети беа испукани кон базата, но беа пресретнати од американски противвоздушни системи.

Американски официјални претставници сѐ уште не се изјаснија околу најновите тврдења за напад во Касрек.

На почеток