Стојанче Ангелов потсетува: „Ниту збор за битката кај Арачиново – еден од најтешките денови во 2001-та“


Дваесет и три години по битката за Арачиново, еден од најжестоките и најконтроверзни настани од конфликтот во 2001 година, нејзиниот спомен тоне во заборав. На тоа јавно реагираше Стојанче Ангелов, поранешен командант на специјалните сили и учесник во самата битка, кој во борбата беше тешко ранет.
„Никој не ја спомна. Ниту еден ред, ниту еден збор на ниту еден портал. Ни на телевизија, ни во медиумите. Ништо. А станува збор за битка во која загинаа четворица македонски синови, а десетици беа ранети“, напиша Ангелов на својот Фејсбук профил.
Битката започна на 22 јуни 2001 година, а заврши неколку дена подоцна со извлекување на припадниците на УЧК од Арачиново – со автобуси, во акција која остана длабоко контроверзна во јавноста.
Стојанче Ангелов беше тешко ранет на 23 јуни – куршумот му ги пробил градите, му го оштетил десниот бел дроб и му искршил две ребра.
„Со смртоносни рани, без третина од десниот бел дроб, со ребра заврзани со жица – осакатен, но жив“, сведочи тој.
Но, не сите имале таа среќа. На истиот ден, во борбата животот го загубиле:
Никола Пехчевски (25)
Атанас Јанев (25)
Александар Стојчев (30)
Неколку дена подоцна им подлегнал на повредите и Оливер Китановски (21).
„Вечна ви слава, херои македонски“, напиша Ангелов – повикувајќи јавноста да не заборави.
