Скопје

ДЗР констатирал: Општина Центар има 4,5 милиони евра ненаплатени побарувања

Општина Центар, заклучно со 31.12.2023 година има ненаплатени побарувања во износ од 276.569 илјади денари, или 4.482.480 евра, за кои нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата, утврдил Државниот завод за ревизија.

Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се евидентирани на денот кога истите се наплатени и не се склучени договори за одложено плаќање доколку надоместокот не е платен еднократно.

По основ на комунална такса за користење на просторот за паркирање на моторни возила, Општина Центар побарува од ЈП “Паркинзи на Општина Центар” – Скопје 16.940 илјади денари кои се однесуваат на побарувања од минати години, а за 2022 и 2023 година воопшто не искажува побарувања по овој основ.

Во услови на непостоење на прецизни и јасни критериуми, во 2023 година доделени се финансиски средства на спортски здруженија, спортисти-поединци и стипендии за млади таленти во вкупен износ од 2.256 илјади денари, што претставува само 13% од вкупните средства на Програмата за спорт и рекреација, а останатите 15.000 илјади денари или 87%, Општина Центар ги доделила на КК “Работнички“ АД Скопје, при што во изминатите 9 години нема извршено контрола на наменското и законското користење на доделените средства.

Општина Центар исплатила 984 илјади денари за адвокатски услуги во месечни паушали, а не врз основа на извештај/ спецификација за преземени активности според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

На почеток