Мицкоски за разрешувањето на Коцевски: Згрешивме што можеби малку не бевме од самиот почеток поагресивни


Премиерот Христијан Мицкоски смета дека грешка е што процесот на промена на јавниот обвинител Љупчи Коцевски не бил поагресивен. Тој смета дека чудни се пораките кога прво од опозицијата им кажале дека вршат притисок врз правосудството со обидот за разрешување на републичкиот обвинител, а потоа ги обвинуваа дека се во спрега со него и обвинителите, односно дека нарачуваат кој да се гони за пожарот во Кочани, а кој не.
„Згрешивме што можеби малку не бевме од самиот почеток поагресивни, мислевме дека ќе проработи менталитетот, чувството, дека ќе заборават на партиските и бизнис стопани и дека единствен стопан ќе биде интересот на народот. Можеби тоа беше нашата грешка и таа перцепција претежнува кај народот“, вели Мицкоски.
Ова одново остава впечаток дека наскоро, процесот за разрешување на Коцевски ќе продолжи. Тој беше паузиран откако се случи трагедијата во Кочани. Владата доби мислење од Советот на јавни обвинители, и истото треба да го прати до Собранието со предлог за разрешување на обвинителот. По гласање на пратениците – Коцевски може да замине дома, или пак, да остане на функцијата.
