Пеколен лет до Иран: Амфетамини, вреќички за урина и 37 часа без пауза – сведоштва од американските пилоти


Нападот на САД врз три ирански нуклеарни постројки изминатиот викенд беше едно од најкомплексните воени воздушни дејства во поновата историја. Седум „невидливи“ бомбардери B-2, со по двајца членови на екипаж, полетаа од базата Вајтман во Мисури, прелетаа половина свет и се вратија назад – во операција долга 37 часа без слетување, објави CNN.
Учесниците во мисијата преживеале буквално физичка и ментална граница на издржливост. За време на летот, пилотите користеле „go pills“ – амфетамини за одржување будност, овластени од воената медицина. Седењето во кабината било наизменично – додека еден управувал со леталото, другиот се обидувал да одмори на склоплива, едвај комфорна лежалка.
Уринирањето било во т.н. “piddle packs”, специјални вреќички со абсорбирачки материјал.
„До крајот знаевме точно колку тежат“, се шегува еден од пилотите.
За време на операцијата, седумте бомбардери извршиле седум различни напади во рок од 30 минути, поддржани од ловци, танкери и извидувачки авиони. Некои B-2 летале во спротивен правец како мамци. Вкупно биле ангажирани над 125 летала.
Мисијата потсетува на рекордната 44-часовна операција над Авганистан по 11 септември 2001, во која учествувал и поранешниот полковник Мелвин Дејл.
„Тоа што овие момци го направија денес – тоа е подвиг“, вели тој.
И покрај најсовремената технологија, условите во B-2 остануваат сурови: без вистински тоалет, со ограничена храна и минимален сон. Но за пилотите, тоа е дел од мисијата – „лет без крај, со една цел“.
