Џеј Ди Ванс ја промовира „Трамп доктрината“ преку ударот врз Иран: Јасни цели, дипломатија, сила


Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс ја искористи говорничката бина на Републиканската вечера во Охајо за да ја претстави таканаречената „Трампова доктрина“ – нов надворешнополитички пристап кој, според него, комбинира јасно дефинирани интереси, агресивна дипломатија и прецизна употреба на воена моќ.
Во обраќањето, Ванс го посочи неодамнешниот воздушен напад врз Иран како „исклучително успешен пример“ за новата стратегија: „Не само што го уништивме иранскиот нуклеарен програм, туку тоа го направивме без ниту една американска жртва. Тоа е суштината на оваа доктрина“, изјави тој, и покрај информациите дека штетата била помала отколку што тврди Белата куќа.
Трите столба на „Трамп доктрината“, според Ванс:
Прво – јасно дефинирање на американскиот интерес (во овој случај: Иран без нуклеарно оружје);
Второ – агресивна дипломатија за решавање на проблемот;
Трето – доколку тоа не успее, употреба на преовладувачка сила и брзо повлекување, за да се избегне долготраен конфликт.
Со ова, Ванс се оддалечи од претходните изолационистички ставови на крајната десница и покажа дека е подготвен да ја води надворешната политика со „реалполитичка“ решителност. Ударот врз Иран – именуван како „Операција Полноќен Чекан“ – доби поддршка во длабоко републиканските делови на Охајо.
И додека високите функционери како Ванс, министерот за одбрана Пит Хегсет и државниот секретар Марко Рубио уверуваат дека целта била исклучиво неутрализација на нуклеарниот капацитет на Техеран – а не промена на режимот – Трамп подоцна на својата социјална мрежа напиша:
„Ако овој ирански режим не може да ја направи ИРАН ПОВТОРНО голема (држава), тогаш зошто да не дојде до промена?“
Коментарот предизвика дополнителни дебати, но не и откажување на поддршката од базата. И покрај мали протести во Лима, каде што се одржа вечерата, Џеј Ди Ванс не се поколеба:
„Зошто, за Бога, би го откажале патувањето во Охајо?“ – одговори тој.
