Македонија

Филипче и Мицкоски во судир околу „модерниот“ македонски идентитет: предупредувања за амандмани во Европскиот парламент

Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска разменија остри ставови во Собранието поради најавените амандмани во Европскиот парламент со кои се предлага пред македонскиот јазик да се додаде зборот „модерен“.

Филипче го праша премиерот дали Владата има рок до кога ќе се обидува да издејствува подобра преговарачка позиција со ЕУ и дали со ваквите амандмани се загрозуваат македонскиот јазик и идентитет. Тој потенцираше дека сите досегашни документи, вклучувајќи го и францускиот предлог и договорот со ФРОНТЕКС, го признаваат македонскиот јазик без додавки.

Мицкоски одговори дека Македонија ќе ги почне преговорите „но не како модерни Македонци“, предупредувајќи дека суштината на предложените амандмани е креирање нов топоним – „модерен македонски јазик“ и „модерен македонски идентитет“. Тој истакна дека такви формулации никогаш досега не постоеле во извештаите на Европскиот парламент и го нарече тоа закана по националниот идентитет.

Премиерот посочи дека неговата Влада активно работи со европратеници и со меѓународни партнери за амандманите да не поминат на пленарната седница од 7 до 10 јули.

Филипче возврати дека за време на владеењето на СДСМ, за идентитетот и јазикот никогаш не се преговарало и побара политичко единство со цел да се спречи евентуално усвојување на спорните формулации.

Во репликата, Мицкоски го повтори ставот дека проблемот не е во Уставните измени, туку во континуираната политика на негирање на македонскиот народ и неговото право на идентитет.

На почеток