ЕУ ги продолжува санкциите против Русија до јануари 2026: Избегната нова блокада од Унгарија


Лидерите на земјите-членки на Европската унија постигнаа договор за продолжување на секторските санкции против Русија за дополнителни шест месеци, до јануари 2026 година. Одлуката доаѓа цел месец пред крајниот рок – 31 јули – и претставува изненадување, со оглед на честите закани од Унгарија дека ќе ја блокира одлуката.
Секторските санкции, кои вклучуваат забрана за извоз на различни производи во Русија, како и замрзнување на средства и забрана за влез на одредени лица и компании, се обновуваат на секои шест месеци – во јануари и јули. Листата на индивидуални санкции се обновува во март и септември.
И покрај договорот за продолжување на постојните санкции, и понатаму нема согласност за најновиот – 18-ти пакет санкции – против Москва. Словачка и Унгарија се против предложените мерки и бараат дозвола за понатамошно купување руски гас и нафта.
Европската комисија претходно предложи ЕУ целосно да се ослободи од зависноста од руските фосилни горива до крајот на 2027 година.
