Унгарија со нов закон: Полицијата ќе може да забрани ЛГБТ+ маршеви и ќе користи камери за препознавање лица


Унгарскиот парламент, каде што владејачката десничарска партија на Виктор Орбан – Фидес има значајно мнозинство, усвои контроверзен закон кој овозможува полицијата да забрани ЛГБТ+ маршеви, со образложение дека „заштитата на децата“ има предност пред правото на јавно собирање.
Законот, кој беше изгласан во март, ѝ дава овластувања на полицијата да користи камери за препознавање лица за идентификација на учесниците на јавни собири, со цел полесно изрекување казни – јави Ројтерс.
Критичарите го оценуваат законот како дел од поширок обид за ограничување на демократските слободи, особено во пресрет на парламентарните избори следната година, на кои Орбан се соочува со засилена конкуренција од страна на опозицијата. Според некои анкети, дел од опозициските кандидати имаат дури и подобри шанси од Орбан.
„Сите сме возрасни и препорачувам секој да одлучи што сака, се додека ги почитува правилата… а ако не ги почитува, тогаш треба да се соочи со правни последици“, изјави Орбан за државното радио.
