„Бугарија влегува во опасен наратив, Македонија останува цврста во одбрана на јазикот и идентитетот“, вели Муцунски


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остро реагираше на најновите политички пораки од Софија, оценувајќи дека Бугарија влегува во опасен и ретрограден наратив кој го доведува во прашање македонскиот идентитет. На прес-конференцијата по повод една година од стапувањето на функцијата, тој повика на рационалност и одговорност, особено во контекст на европските интеграции.
„Срамно е нашиот сосед да мисли дека може да го користи своето членство во ЕУ за редефинирање на македонскиот идентитет,“ изјави Муцунски.
Тој предупреди дека обидите за политичко наметнување на придавката „модерен“ пред терминот „македонски јазик“ во извештајот на Европската комисија се неприфатливи и длабоко ги навредуваат чувствата на македонските граѓани.
Муцунски потенцираше дека Македонија има неколку црвени линии од кои нема да отстапи – македонскиот јазик, националниот идентитет, културно-историското наследство и имплементацијата на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тој нагласи дека афирмацијата на сопствениот идентитет не претставува говор на омраза, како што тврдат некои бугарски претставници, туку легитимна европска вредност.
Во контекст на извештајот на Европскиот парламент, Муцунски изрази благодарност за поддршката добиена во Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), каде што беше усвоен извештајот на европратеникот Томас Вајц со големо мнозинство. Тој сепак предупреди дека вистинската битка допрва следува на пленарната седница во јули.
„Ова е историски момент, но не и повод за триумф. Не сме членка на ЕУ и немаме свои европратеници, но имаме пријатели кои ја разбираат нашата борба. Ќе направиме сè за да упатиме на разум во европските институции,“ рече министерот.
Муцунски додаде дека Бугарија со својата политика не само што го подрива процесот на проширување на ЕУ, туку и ги отуѓува граѓаните на двете земји. Тој повика ЕУ да остане верна на своите темелни вредности – почитување на различностите, идентитетите и културите.
„Ако навистина сакаме стабилен Балкан и кредибилна ЕУ, мора да престанеме со обидите за негирање на реалноста. Македонија е европска држава со свој јазик, историја и идентитет – и тоа никој нема право да го редефинира,“ заклучи Муцунски.
