Македонија

(Видео) „Да се тргнете од Дошница веднаш“, „сакаат да ги исечат вените на Кожуф“ – протест против мини хидроцентрала!

Со транспаренти, извици и јасни пораки за заштита на природата, денеска (29 јуни) се одржа мирен протест кај туристичката населба Смрдлива Вода, под планината Кожуф, против најавената изградба на мини хидроцентрала на реката Дошница.

Протестот го организираа неколку граѓански здруженија и еколошки активисти, кои предупредија дека изградбата на хидроенергетски објекти во овој регион ќе има сериозни и трајни последици врз животната средина, водните ресурси и локалниот биодиверзитет.

„Ова не е само борба за реката Дошница, туку за секој извор, поток и дрво што некој го гледа како профит, а не како живот“, порача еден од говорниците пред собраните граѓани.

Организаторите обезбедија и бесплатен превоз за сите заинтересирани граѓани од Гевгелија, со поаѓање пред Градскиот театар во 9:45 часот, што резултираше со значителен одѕив.

Присутните упатија апел до надлежните институции да ја преиспитаат најавената инвестиција и да ја стават заштитата на природата пред приватните интереси.

Протестот помина мирно, а граѓанските здруженија најавија дека борбата за зачувување на Кожуф и неговите води ќе продолжи.

На почеток