Свет

(Видео) Уапсен најбараниот нарко-бос на Еквадор: „Фито“ откриен во подземен бункер по 17 месеци бегство

По повеќе од една година бегство, еквадорските безбедносни сили конечно го уапсија Хозе Адолфо Масијас Виламар, познат по прекарот „Фито“ – лидерот на злогласната криминална банда Los Choneros. Апсењето е резултат на специјална операција на полицијата и војската која траела над 10 часа, а ја потврди и претседателот Даниел Нобоа на социјалната мрежа X.

Фито бил пронајден во неговиот роден град Манти, скриен во подземен бункер. Според локалниот весник El Mercurio, засолништето било ненамерно разоткриено од неговата тригодишна ќерка.

Масијас Виламар издржува 34-годишна затворска казна изречена во 2011 година, но во јануари 2024 успеал да побегне при обид за негов трансфер од затворот во Гвајакил. Тој бегство се совпаднало со серија крвави нереди во еквадорскиот затворски систем, кога криминалните групи презеле контрола врз неколку објекти и држеле чувари како заложници.

Сега, Фито се соочува со екстрадиција во САД, каде го очекуваат обвиненија за шверц на дрога и оружје во Њујорк. Американските власти го поздравија апсењето и повторно ја потврдија својата поддршка на еквадорските напори во борбата против транснационалниот организиран криминал.

Еквадор, како транзитна зона за кокаин од Колумбија, Боливија и Перу, се соочува со растечко насилство и влошена безбедносна состојба, при што судирите меѓу картелите го доведоа криминалот на историски ниво. Апсењето на Фито претставува симболичен и оперативен удар врз подземјето, но и предизвик за стабилизација на земјата.

На почеток