Од следната учебна година нема да има хартиени сведителстава за основците и средношколците


Учениците од основното и средното образование од учебната 2025/2026 година ќе добиваат свидетелства исклучиво во електронска форма, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Иако можноста за дигитални документи постои и оваа година, Министерството реши новината целосно да се примени од есен.
Промената нема да значи дополнителен трошок за родителите или училиштата, бидејќи системите на училиштата и високото образование се веќе поврзани, а податоците за успехот на учениците ќе бидат директно достапни за средните училишта и факултетите.
„И сега е-дневникот овозможува печатење електронски свидетелства. За учениците од прво до деветто не е потребно секое свидетелство, освен она од деветто одделение за запишување во средно. Средните училишта потоа ги бараат и останатите свидетелства – кои ќе можат да ги повлечат електронски, без да се ангажираат учениците и родителите“, објасни Јаневска.
И факултетите, според неа, ќе имаат пристап до електронските документи за потребите на уписот, без потреба од физички копии.
За учениците кои ќе се запишуваат на странски факултети, ќе биде потребно да поседуваат хартиена копија од свидетелството од деветто одделение и дипломата од четврта година. За таа цел, училиштата ќе можат да обезбедат печатен примерок.
„Ако е потребно, училиштата може да потрошат 500 денари за топ хартија и да издадат потврда за успешно завршена учебна година“, додаде Јаневска.
Сепак, таа признава дека дигиталната неписменост, особено во руралните средини, претставува пречка за целосна транзиција кон електронско водење документи. Токму затоа, иако дигитализацијата ќе стане стандард, физички свидетелства ќе останат достапни за оние на кои им се неопходни.
Министерката очекува дека веќе од следната година, 80 до 90 проценти од свидетелствата ќе бидат издавани исклучиво во електронска форма.
