(Видео) „Ќе има сериозни проблеми со обвинението за трагедијата во Пулс, oчекуван е проблем и со докажувањето“


Адвокатот Владимир Туфегџиќ, во гостување во емисијата „Претрес“, изјави дека обвинителниот акт за трагедијата во Кочани е поставен на правно проблематичен начин.
„Ако мисли јавниот обвинител дека завршил работа со тоа што поднел обвинение, за кратко време ќе сфати дека е во голема заблуда. Затоа што овде се работи за исклучително сложен предмет со многу правни замки, кои влијаат, значи, и на успехот, односно основаноста на поднесеното обвинение“, рече тој.
Туфегџиќ укажа и на пропусти во пристапот на институциите: „Мислам дека некои работи се од обвинителско-полицискиот менаџмент пропуштени и испуштени, а тоа е мениџирање со семејствата на и загинатите и настраданите. Уште ние немаме јасна слика и дефиниција кој таму се гони, за што се гони и понатаму, очекувам сериозни проблеми во тоа обвинение.“
Осврнувајќи се на содржината на обвинението, тој додаде: „Ако е тоа така, ако е унифицирано поставена равенката, односно кривичното дело, очекувам проблем во докажувањето, кои сега за сега не би го коментирал. Меѓутоа гледам, а по однос на поврзаноста на обвинетите и сообвинетите.“
Според него, целиот процес се водел без јасна координација: „Останува впечатокот дека ние не се снајдовме баш најдобро во овој предмет. Прво требало да се мисли за надлежноста, навремено да се интервенира, навремено Врховниот суд да донесе одлука и така натаму.“
На прашањето дали може да се очекува брза постапка со оглед на бројот на обвинети, Туфегџиќ одговори:
„Како може да дојде до брза правда со триесет и четири обвинети во еден случај? Овој процес ќе трае. Мислам дека нашите политичари треба конечно да сфатат и некогаш нешто да научат од грешките на претходните“, додаде Туфегџиќ.
„Брза правда не постои“, заклучи тој.
ЦЕЛО ГОСТУВАЊЕ:
